Фудбалската федерација на Македонија не доби ваучер преку кој може да се обезбеди спонзорска помош преку даночно олеснување. Во распределбата на ваучерите што ја објави Агенцијата за млади и спорт, кај ФФМ стојат само нули. Останатите три поголеми федерации во екипните спортови, ракометната, кошаркарската и одбојкарската имаат по околу 100. 000 евра. Ваучер нема ниту за Пливачката федерација, ниту за онаа на Маленко призната од меѓународните институции, ниту за домашната, запишана во Централниот регистар.
Фудбалската федерација и Пливачката федерација на Северна Македонија аплицирале за ваучери. Немаат информации зошто се одбиени, ниту пак добиле образложение. Во комисијата која решава за ваучерите се двајцата советници за спорт во Владата, претставник на МОК, како и по двајца претставници на Управата за јавни приходи, на Министерството за финансии и на Секретаријатот за законодавство.
Во распределбата на ваучерите лошо минаа и фудбалските клубови. Па така шампионот Шкендија има околу 50.000 евра, сума која на пример ја добиваат и просечни ракометни прволигаши кои се без меѓународни настапи. По околу 50.000 евра има и за Вардар и за Работнички.
Нешто подобри се ракометните клубови, Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер кои добиваат ваучери во вредност од околу 100.000 евра. Кошаркарскиот првак е исто така приближно со оваа сума.
Ситуација која паѓа в очи се висините кои споредбено ги добиле фудбалскиот прволигаш Шкупи и кошаркарскиот клуб Шкупи. Кошаркарскиот состав кој лани не се ни појави во вториот натпревар од баражот за опстанок во елитата добива 2.600.000 денари, а фудбалскиот клуб, поранешна Слога Југомагнат, трикратен шампион на Македонија, добива 600.000 денари помалку.
Посебна распределба на ваучер има и за индивидуалните спортисти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА