Александар Станковиќ е името што се почесто се споменува високо на листата со желби на неколку европски гиганти, по одличните игри што српскиот фудбалер за врска ги прикажува во дресот на Бриж.
Арсенал и Атлетико Мадрид веќе подготвија понуди, но тешко дека ќе можат да излезат како победници од оваа трка во која во пол-позицијата се наоѓа токму Интер. Имено, италијанскиот гигант при продажбата на Станковиќ во Бриж вметна клаузула со која може да го врати Србинот назад за сума од 23 милиони евра. Извори блиски до „нераоѕурите“ тврдат дека одлуката е донесена – оваа клаузула ќе биде активирана летово.
Фактот дека понудите на Арсенал и на Атлетико се најавуваат во висина од 40 милиони евра ја прави одлуката на Интер лесна, Србинот ќе се врати назад на „Џузепе Меаца“, а потоа ќе се реши дали тој ќе остане во клубот или истиот преоден рок ќе биде продаден со значителна заработка. Неофицијално, планот е Станковиќ да добие шанса во дресот на „нероаѕурите“ ако се знае дека Мхитаријан се подготвува за заминување, а неизвесна е и иднината на Чалханоглу, кој повторно е поврзуван со преселба во Галатасарај.
Александар Станковиќ е син на поранешниот српски репрезентативец, сегашен тренер на Црвена Звезда, Дејан Станковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

