Ливерпул за првпат по подолго време врза три порази во низа, се јавија критичарите, но за челниците на „црвените“ нема дилема дека Арне Слот е вистинскиот човек за предводник на овој фудбалски гигант.
Слот имаше тешка задача да го наследи Јирген Клоп, но веќе во првата сезона ги изненади сите лесно стигнувајќи до титулата иако не му беше доведено ниту едно топ-засилување. Летово Ливерпул инвестираше сериозно во играчкиот кадар, но паралелно со тоа клупските директори водат и преговори за да го задржат Слот како тренер уште долги години.
Холанѓанецот ја одработува втората сезона од тригодишниот договор што го потпиша со „црвените“, но преговорите за продолжување на соработката се веќе во тек. Британските медиуми тврдат дека Ливерпул се обидува да го повтори истиот одличен потег од првиот продолжен договор со Јирген Клоп, кога Германецот по девет месеци во клубот доби нов шестгодишен договор со значително зголемување на платата.
Идејата е и Арне Слот да потпише договор најмалку до 2031 година, со што Ливерпул ќе го врзе извонредниот стратег како предводник на овој проект и во периодот кога лидерите на оваа екипа, Салах и Ван Дајк ќе го напуштат клубот.
Кај двете страни постои расположение ваков договор што поскоро да биде потпишан, па официјализацијата би можела да се случи и пред крајот на оваа 2025 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

