Кошаркарот на Монако, Мајк Џејмс неодмана постави нов рекорд по бројот на постигнати поени во Евролигата, надминувајќи го славниот грчки кошаркар Василис Спанулис на првата позиција. Тоа беше повод да гостува на подкасот на „Баскет Њуз“ каде говореше на повеќе теми, а една од нив беше и завршниот турнир на Евролигата.
Американецот ги предвидуваше тимовите кои ќе се најдат на самата завршница во „Мерцедес Бенц“ арената во Берлин, а таму нема место за балканските преставници Партизан и Црвена Звезда.
Интересно, според искусниот „кошгетер“ во Германија за титулата ќе се борат неговиот Монако, Реал Мадрид, Барселона и Панатинаикос.
„Без разлика дека се наоѓаат во серија на порази, тоа е Реал Мадрид. Сите кои познаваат кошарка знаат дека мора да имат подеми и падови во сезоната и мене нивната форма сега не ме загрижува. Тие се лидери на табелата, ќе ја бранат титулата.
Барселона може да се најде на „фајнл-фор“ бидејќи има доволно ветерани во тимот. Играат многу добро како тим, не се потпираат на индивидуалци и некогаш не треба да играте „секси“, доволен е колективот.
Панатинаикос игра фантастично откако пристигна Кендрик Нан. Играат колективна и силна одбрана. Се наоѓаат во одличен ритам, шутираат, се тепаат за секоја топка… изгледаат многу добро како колетив“, вели Џејмс за своите фаворити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА