ЕКИПА во Малта
Горан Бошев
Англија веќе со една нога е на ЕП 2024, Украина, Италија и Македонија ќе се борат за второто место до крајот на квалификациите. За Македонија да остане во игра за да направи чудо и да се пласира на собирот на најдобрите европски селекции во група со вакви силни селекции, едноставно вечерва Малта мора да падне.
Македонија веќе ја совлада Малта на домашен терен во оваа кампања, иако Малтежаните доста солидно се покажаа на почетокот на квалификациите во Скопје. Нашите фудбалери уште еднаш покажаа дека кога се отпишани играат најдобро и прават чуда, па пред неколку дена ремизираа со Италија кога многу малку веруваа во нив, особено после онаа катастрофа од Манчестер и највисокиот пораз во историјата на националниот тим.
Но, фудбалерите потенцираат дека кога репрезентацијата функционира обединета, тогаш е најсилна. А, токму такво единство и обединетост е потребно и вечерва тука во Малта, затоа што едноставно Македонија мора да ги освои бодовите за да се надева на сензација и пласман на втората позиција на табелата.
Селекторот Благоја Милевски на вчерашната прес-конференција истакна дека Малта е опасна селекција, дека е добар тим, и дека пред Македонија е најважниот натпревар во овие квалификации.
„Италија е веќе зад нас уште по завршување на натпреварот, ние веќе почнавме како подготвка на Малта и се надевам дека ќе бидеме подготвени за она што претстои. Малта покажа дека е квалитетен тим, доста компактен и организиран, и не намачи во Скопје. Нималку не смееме да се опуштаме, но максимално сериозно да пристапиме на овој натпревар. Овој меч можеби ни е најважен во овие квалификации. Момците се свесни што се ни значи овој натпревар, и да ја задржиме оваа позитивна енергија за овој собир да ја градиме и тој тимски дух кој не красеше да ни биде пракса и во иднина“, рече Милевски.
Енис Барди, капитенот на националниот тим изрази надеж дека тимот ќе функционира обединето како против Италија, и само така може да се дојде до бодовите.
„Против Италија цел натпревар со борба на терен и до последната минута бевме сите обединети. Ако не сме сите заедно, не можеме до позитивен резултат. Мораме сега да мислиме на Малта. Малку ни се деновите да анализираме и нешто да промениме. Да се вратиме поназад и да знаеме колку ни значи, секој натпревар во кој влегуваме 100% и кога влегуваме како едно, и секој меч мораме да одиме така, и на крај кога ќе извлечеме добар резултат. Знаеме што не очекува, само да сме мирни во глава, со ладни глави и да влеземе на терен и да дадеме се од себе за да победиме“, истакна Барди.
Вечерва од 20:45 се очекува и поддршка од 1.500 – 2000 македонски навивачи кои ќе дојдат на стадионот „Та Али“ да ја бодрат Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА