Фудбалската репрезентација на Македонија испиша историја откако за првпат, во четвртото издание успеа да се пласира веќе и безмалку сигурно, како прва селекција од Европа во овосезонското натпреварување, на дури две кола пред крајот, во погорен ранг на натпреварување во Лигата на нациите на УЕФА. Но, националниот тим е и пред нова историска шанса за место во финалниот бараж за пласман на Светското првенство 2026!
Согласно квалификацискиот систем на УЕФА, и дефинитивно потврден од европската Куќа на фудбалот, во квалификацискиот бараж за пласман на СП 2026 ќе учествуваат дванаесетте второпласирани репрезентации од секоја група од регуларните квалификации кои ќе стартуваа во март следната година, но и четирите останати најдобри првопласирани репрезентации од А, Б и Ц-дивизиите во Лигата на нации кои, пак, претходно не обезбедиле директен пласман на Мундијалот или во баражот (како дел од оние 12 селекции) преку регуларните квалификации.
Притоа, за тоа кои четири селекции од Лигата на нации ќе одат во баражот, ќе се одлучува од вкупната табела само на првопласираните вкупно 12 репрезентации во дивизиите А, Б и Ц, во кои дефинитивно ќе биде и Македонија. Затоа на нашата репрезентација ќе и бидат неопходни што повеќе бодови од актуелната група во Лигата на нациите во која досега имаме 10 бода. Две победи во ноемврискиот циклус, против Летонија и против Фарските острови, би ја донеле до 16 бода во вкупната табела и веројатно сосема извесно до само два бараж меча за пласман на СП 2026. Би биле дел од 16 селекции во баражот кои преку два натпревари ќе ги одлучат последните четири патници на Мундијалот 2026 кој ќе се одржува во Мексико, Канада и САД.
На Светското првенство во САД, Канада и Мексико од европскиот континент ќе се пласираат вкупно 16 репрезентации. Дванаесет места ќе ги дадат сите првопласирани екипи во регуларните квалификации кои почнуваат на пролет, а останатите четири места ќе дојдат по бараж дуелите.
Бараж-натпреварите за пласман на СП 2026 година ќе се играат во март 2026 година откако во ноември 2025 ќе завршат регуларните квалификациски групи. Регуларните квалификации ќе се играат во 12 групи со по четири и пет селекции. Ждрепката е закажана за декември оваа година, а нашата селекција ќе биде во третиот квалитативен шешир.
На моменталната табела на првопласираните екипи од А, Б и Ц-дивизиите во Лигата на нациите, Македонија е втора со најмногу освоени бода (10), зад Грција од Б-дивизијата која има 12 бода од четири натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА