Управниот одбор на ФФМ на денешната своја седница ги одреди цените на билетите за натпреварот од полуфиналето од Лигата на нации меѓу Македонија и Косово кој ќе се игра на 26. март на националната арена „Тодор Проески“.
Билетите за Јужната и Северната трибина ќе се продаваат по цена од 300 и 400 денари. Притоа, Фудбалската федерација на Македонија ќе обезбеди билети за навивачите на македонската репрезентација на Западната трибина од арената „Тодор Проески“, која ќе е исклучиво резервирана за навивачките групи.
Управниот одбор на ФФМ ги одреди и цените на билетите за натпреварот од квалификациите за ЕП меѓу репрезентациите до 21 година на Македонија и Израел. Цената на билет за дуелот кој се игра на 26. март на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе изнесува 50 денари.
Меѓу останатите одлуки, Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за распределба на средствата од дополнителниот УЕФА солидарен фонд на клубовите од 1 МФЛ од натпреварувачката сезона 2018/2019, а беа усвоени и извештаите на постојаните комисии на Управниот одбор и буџетот на Фудбалската федерација на Македонија за 2020 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА