“ЗА НЕД ДО” со 8 медали од Светското првенство во боречки вештини (ФОТО)

На Светскиот шампионат на Светската федерација за боречки вештини [ WFMA ] кој се одржа изминатиов викенд во Сер, Грција по две години пауза поради пандемијата, учествуваше и Македонија преку официјалниот претставник на WFMA за нашата земја – кик бокс мајсторот Дијана Неделковска.

Академијата за боречки вештини и спортови “ЗА – НЕД – ДО” – “Златко Неделковски” од Битола на Светскиот Шампионат учествуваше со тим од 4 натпреварувачи кои збирно освоија 8 медали и светски титули.

Во конкуренција од над 3.000 натпреварувачи ова се успесите на нашите спортисти:

  • Давид Јошевски [ 13 години ; категорија -58 кг ] со освоени Златен и Сребрен медал во дисциплините Лајт контакт и Лоу кик за спортисти до 13 години;
  • Бобан Гарабиљевиќ [ 14 години ; категорија -60 кг ] со освоени Златен и Сребрен медал во дисциплините Лајт контакт и Лоу кик за спортисти до 14 години;
  • Илче Филкоски [ 17 години ; категорија -50 кг ] со освоени Златен и Бронзен медал во дисциплините Лајт контакт и Лоу кик за спортисти до 17 години;
  • Мартин Колоски [ 20 години ; категорија -70 кг ] со освоени две златни медали во дисциплините Лајт контакт и Лоу кик за спортисти над 20 години.

Пред почетокот на Светскиот шампионат, претседателот на WFMA господинот Томас Смиарис оддаде почит на големиот учител на боречките вештини и спортови Златко Неделковски кој почина 2020 година а кој беше еден од основачите и на оваа Светска федерација.

Смиарис истакна дека особено му е чест што новиот претставник – наследник на Златко Неделковски – неговата ќерка Дијана Неделковска од оваа година го презеде кормилото за нашата земја во оваа федерација при што и посака успех во шампионатот и одлична идна професионална спортска соработка.

“Прв пат по две години на толку голем настан. Повторно сме најдобри. Претпоставувам дека заветот кон мојот татко дека ќе го задржам нивото на професионалност кај нашите спортисти кое над 45 години гласи под мотото “квалитет пред квантитет” а особено задоволна што со 4 спортисти носиме 8 медали од кои 5 се златни од Светски шампионат” – вели Неделковска.

Се вчитува...