Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација и член на полскиот тим Онико Варшава, Никола Ѓоргиев, вчера со својата екипа го совлада шампионот на Полска Закса Козле, и севкупно ја забележаа 13. победа во низа во првенството. Македонецот презадоволен што неговите соиграчи одиграа фантастичен натпревар за да се изборат до победата, а вели дека токму „13“ за него е среќна, иако е општо познат како малерозен број.
„Одигравме фантастичен меч, многу ме радува што ја продолживме победничката серија. Некои дури стравуваа дека нема да оствариме 13 триумфи во низа, бидејќи 13 е малер број, но за мене е среќен број, го потврдив тоа и со триумфот над Козле. Одигравме перфектно во првите два сета, следните два кои ги загубивме ќе мора добро да ги анализираме бидејќи прерано почнавме да славиме, но „стегнавме заби“ во решавачкиот сет и покажавме карактер. Претходно истакнав дека не треба да се потценуваме, знаев дека можеме да оствариме многу само ако играме со „ладни“ глави. Во текот на шампионатот се соочувавме со проблеми, но сега сме на добар пат, покажавме дека можеме многу да понудиме на теренот и дека сосема заслужено сме на втората позиција на табелата“, истакнува Ѓоргиев.
Нашиот најдобар одбојкар мечот го заврши како најдобар поентер, реализираше вкупно 24 поени и беше меѓу најзаслужните за победата над актуелниот шампион и лидер на табелата во Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА