За новиот клуб не решава Ван де Бек, туку таткото на неговата девојка

Дони ван де Бек е подготвен да си замине на позајмица од Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник даде зелено светло за холандскиот интернационалец да ги смени клупските бои, но екс-фудбалерот на Ајакс нема самиот да ја донесе конечната одлука за новата дестинација во кариерата. Тука од помош ќе му биде таткото на неговата девојка, Денис Бергкамп, кој како легенда на Премиер-лигата сигурно ќе настојува да му даде вистински совет за кариерата на својот иден зет.

Естел Бергкамп, 25-годишната ќерка на легендарниот фудбалер, веќе неколку години е во врска со Ван де Бек, уште од времето кога тој го носеше дресот на Ајакс, а сега нејзиното семејство ќе има што да каже во изборот за новиот клуб.

Кристал Палас е премиерлигашот што најмногу „гризе“ за ангажман на Холанѓанецот, a главен адут на лондонскиот клуб е менаџерот Патрик Виеира. Французинот стана одличен пријател со Бергкамп додека двајцата беа дел од „непобедливата генерација“ на Арсенал, а според англиските медиуми, Холанѓанецот му ветил на поранешниот соиграч дека ќе успее да го убеди Ван де Бек да му се приклучи во Палас.

„Скај Спортс“ информира дека работата е речиси завршена, Бергкамп ја има улогата на агент на својот иден зет и се очекува договорот да биде потпишан во следните 48 часа.

Се вчитува...