Арсенал беше елиминиран од Тотенхем во Лига-купот на Англија, уште еден натпревар на кој Месут Озил воопшто не се појави на теренот во дресот на „топчиите“.
„Причините беа тактички, само тактички“ – кратко прокоментира Унаи Емери по натпреварот.
Колку и да сака стратегот на Арсенал да ја смири ситуацијата, факт е дека Озил не е дел од неговите планови. Германецот почна солидно сезонава, но како што одминуваше времето, така и неговата улога во тимот се маргинализираше. Екс-фудбалерот на Реал влезе во игра во второто полувреме од мечот со Саутемптон што „топчиите“ го загубија во самиот финиш, а кога тренерот не му дава шанса ниту во лига-купот, јасно е дека многу работи не се како што треба.
Извори блиски до „топчиите“ тврдат дека Емери веднаш би го продал Озил во јануари, но проблем е неговата плата од 300.000 фунти неделно што му ја даде Арсен Венгер минатата зима, а која нема намера да му ја израмни ниту еден од заинтересираните европски клубови.
Додека тимот победуваше не се обрнуваше преголемо внимание на оваа тема, но откако се влезе во серија слаби резултати се погласни се прашањата зошто Озил не е во тимот, на кои Емери час поскоро ќе треба да даде конкретен одговор, или пак да го продаде својот најплатен фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА