Зачудувачка одлука на Трабзон: Барди, со уште тројца фудбалери, отстранет од првиот тим

Крајно зачудувачка одлука на турскиот Трабзонспор за време на паузата поради репрезентативните активности во националните првенства, кој информираше дека четворица стандардни првотимци се отстранети од првиот тим и префрлени да работат одделно во наредниот период. Меѓу нив и капитенот на македонската репрезентација Енис Барди.

Вистински изненадувачки, ако се знае дека Барди минатиот месец беше еден од најдобрите фудбалери во составот на Трабзон, иако беше очигледно дека, од непознати причини, е во немилост кај тренерот Шенол Ѓунеш.

Уште посмешно делува соопштението на Трабзон во кое се наведува дека причините за отстранувањето се во насока на подобрување на нивните индивидуални перформанси.

„Како резултат на денешниот состанок меѓу претседателот Ертугрул Доган, потпретседателот Зејат Кафкас и тренерот Шенол Ѓунеш, одлучено е нашите фудбалери Мислав Оршиќ, Стефано Денсвил, Енис Барди и Умут Бозок да тренираат одвоено за да ги подобрат своите перформанси“ – се вели во соопштението од клубот.

Барди, кој во Трабзонспор е од 2022 година, сезонава забележа вкупно 13 настапи во сите натпреварувања за тимот, од кои осум во турското првенство, два во квалификациите за Конференциската лига и три во квалификациите за Лигата Европа.

Се вчитува...