Загреб избра нов тренер: Со селекторот на ракометарките на Хрватска на мегдан со Пелистер

Загреб го реши тренерското прашање на 48 часа пред мечот со македонскиот првак Еурофарм Пелистер, откако денеска и официјално за нов шеф на стручниот штаб беше именуван Ненад Шоштариќ.

Станува збор за искусен стратег кој во последните години со успех ја водеше женската репрезентација на Хрватска, со која стигна до бронза на европскиот шампионат што се одржа во Данска во 2020 година. Тој како играч настапуваше за Загреб, па кога пристигна понудата без многу размислување ја прифати. Шоштариќ се повлече од функцијата селектор пред три дена, па денеска и официјално беше промовиран во нов тренер на Загреб.

„Искрено, не очекував повик од Загреб, но кога тоа се случи ми беше јасно дека треба да прифатам. Тоа е клубот каде што почнав да играм ракомет, каде практично ја минав целата играчка кариера, да бидам и тренер овде, тоа е затворање на кругот на животот. Знам дека одговорноста е голема, но влегувам во предизвикот со отворено срце и со огромна желба да оствариме добар резултат“, изјави Шоштариќ на промоцијата во Загреб.

Тој нема преголемо искуство во машкиот ракомет, а последни ангажмани му беа како селектор на репрезентацијата на Јордан и како тренер на Ал Џазира во Обединетите Арапски Емирати.

„Знам дека звучи како обична теорија, но ракометот е секогаш ракомет. Кај нас е нормално кога од машки одиш во женски ракомет, но не и кога ситуацијата е обратна. Важно е секој да си го работи својот дел од работата најдобро што може, само така може да се дојде до резултат. Мојата филозофија е дека тренерот создава играчи, но и дека има ситуации кога играчите создаваат тренери“, прокоментира Шоштариќ.

Се вчитува...