Ракометниот македонски голман Никола Митревски и неговиот Порто го забележаа и третиот пораз во третиот натпревар од годинешното издание на Лигата на шампионите. Овој пат подобар од португалскиот шампион, беше хрватскиот ППД Загреб со 29-23.
Првото полувреме донесе отворена игра на двете страни, а на пауза Хрватите заминаа со минимална предност од 16-15. Вториот дел беше тотална спротивност. Одбраните на двата тима конечно нешто покажаа, а одличен на голот беше и нашиот Митревски. Сепак, оваа игра повеќе им одговараше на домаќините кои на крајот стигнаа до конечен триумф од 29-23.
Поранешниот „вардарец“, Тимур Дибиров со десет гола беше убедливо најдобар поединец во таборот на победникот, додека кај поразените Итуриза, Сални, Алвес и Магалаеш завршија со по три гола. Никола Митревски запиша осум интервенции.
Во вториот меч од терминот од 18.45 часот Веспрем потешко од очекуваното славеше над Динамо Букурешт со 33-30.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА