Загревање за спектаклот – сите досегашни финалиња на ЕП

Англија и Италија ќе излезат вечерва на мегдан на „Вембли“, во мечот што ќе го даде 16. европски првак во историјата на овие натпреварувања. Ова е доволен повод за мало навраќање на претходните петнаесет пресметки за европскиот трон…

Првото ЕВРО-финале се одигра во 1964 година во Мадрид, каде домаќинот Шпанија триумфираше со 2-1 над СССР, меч што го реши победничкиот погодок на Марселињо Мартинез за „црвената фурија“. Четири години подоцна Италија и Југославија играа европско финале, првиот меч заврши 1-1, согласно правилата се играше и втор натпревар во кој „аѕурите“ триумфираа со 2-0 благодарение на Луиџи Рива и на Пјетро Анастаси. СССР загуби уште едно финале во 1972 година, овојпат со убедливи 4-1 од Германија предводена од Герд Милер.

Во финалето од 1976 година се сретнаа Чехословачка и Германија, на крајот се радуваа Чехословаците по пенал-рулетот во кој свое место во историјата си обезбеди Антонин Паненка со фантастичниот лоб од белата точка што бројни играчи го копираат до ден денеска.

Германците стигнаа до нов пехар четири години подоцна, откако во финалето ја совладаа Белгија со 2-1. Херој беше Хорст Хрубеш, кој во последен момент беше повикан како замена во германскиот список, а на крајот го постигна победничкиот гол во финалето по центаршутот на Карлхајнц Румениге.

Франција беше најдобра европска репрезентација во 1984 година, „триколорите“ во финалето ја совладаа Шпанија со 2-0. Овој шампионат остана запаметен по извонредниот настап на Мишел Платини, кој постигна девет гола, на едно ЕП, рекорд што и до ден денеска е недостижен за сите ѕвезди на европскиот фудбал.

Финалето во 1988 година беше трето што го загуби селекцијата на СССР, овојпат од Холандија со 2-0. Мечот до ден денеска е запаметен по евроголот што со волеј го постигна Марко ван Бастен.

Данска воопшто не требаше да учествува на ЕП 2022, но скандинавската селекција влета како резерва по исфрлањето на Југославија поради политички причини. Данците ги шокираа сите стигнувајќи до првото место, во финалето славејќи над Германија со головите на Јенсен и на Вилфорт.

Чешка изненади многумина со пласманот во финалето на ЕВРО 1996, но Чесите немаа сили за триумф против Германија. Финалето заврши со 2-1 за Германците, и тоа по продолженија со голот што го постигна Оливер Бироф.

Секунди ја делеа Италија од трофејот на ЕВРО 2020, но Вилторд погоди во самиот финиш од регуларниот дел за Франција и го одведе финалето во продолженија. Таму блесна Давид Трезеге, кој со „златен гол“ им ја донесе титулата на „триколорите“.

ЕВРО 2004 го донесе и најголемото изненадување во историјата на овие натпреварувања, откако тоталниот аутсајдер Грција стигна до титулата. Предводени од Германецот Ото Рехагел, Грците со „бункер“ ги минуваа сите ривали, за на крајот да слават со 1-0 во финалето против Португалија.

Шпанија стигна до нова европска круна во 2008 година, откако во финалето ја совлада Германија со 1-0 со голот на Фернандо Торес. Четири години подоцна Шпанците ја одбранија титулата, овојпат со атомски фудбал и убедлив триумф од 4-0 во финалето против Италија.

Португалија е актуелен бранител на трофејот од ЕВРО 2016, откако Португалците и без помошта на Роналдо (се повреди на почетокот од финалето) сепак стигнаа до триумф над Франција, со голот на Едер во 109. минута од големото финале.

Се вчитува...