Врвните спортски колективи во Македонија би можеле да се соочат со сериозен финансиски удар со измените на Законот за данокот на добивка со кои во спортот се овозможуваше даночно олеснување за компаниите кои инвестираа во спортските клубови и федерации. Проблемот е уште посериозен ако се знае дека на сила не е стапен ниту новиот систем за ваучери, ветен како проект од Владата на РМ, иако беше најавуван за почетокот на 2019 година.
Ваучер системот во спортот беше најавен како дополнителни шест милиони евра од кои извршната власт би се откажала, така што компаниите од Данокот за добивка одреден процент може да го искористат за инвестирање во спортски клубови, федерации или индивидуални спортисти. Сепак, со законските измени оваа нова мерка ќе биде единствена за помагање на спортските колективи, но со многу поширока распределба на парите, на повеќе субјекти, но со пониски суми што може да се добијат од компаниите што остваруваат добивка на територијата на Македонија.
Податокот дека повеќе од еден месец спортските колективи се без можност за обезбедување на средства преку даночни олеснувања е само еден дел од проблемот. Уште позагрижувачки е фактот дека со укинувањето на старата и воведувањето на новата мерка се задава значителен удар на врвните спортски клубови и федерации. Имено, доколку со стариот закон на клубовите и федерациите со поголеми буџети и посериозни меѓународни амбиции им беше овозможено да обезбедат поголеми финансиски средства од моќните спонзори на сметка на даночното олеснување, тоа повеќе нема да биде случај. Со новиот закон клубовите и федерациите треба да бидат категоризирани, па иако најуспешните ќе земаат „најголем дел од колачот“ таа сума сепак е предалечна од она што може да се смета за сериозна инвестиција во врвен спорт.
Токму на оваа тема во интервју за ЕКИПА говореше и директорот на АМС, Дарко Каевски, потенцирајќи ја новата мерка како дополнување на постоечкиот (сега веќе укинат) закон. „Ваучер-системот“ требаше да биде средство за слевање на дополнителни средства и на контото на клубовите, како и на индивидуалните спортисти и федерациите, но со најновиот развој на настаните останува единствен начин на државна финансиска помош во спортот. За оние просечните можеби и задоволително, доволно за да се врзе „крај со крај“, но за оние со сериозни амбиции и поспособни да можат да најдат богати спонзори – недоволно за да бидат рамо до рамо со ривалите ширум Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА