Хафед Зуаби не е веќе селектор на ракометната репрезентација на Тунис. Селекторот кој лани беше кошмар за Македонија на олимписките квалификации во Гдањск, доби отказ на функцијата по неуспешниот настап на репрезентацијата на Тунис на СП во Франција во јануари.
Зуаби на клупата на Тунис дојде во март минатата година, а најголем успех му беше настапот на олимписките квалификации во Гдањск во кои Тунис обезбеди пласман на ОИ во Рио елиминирајќи ја Македонија.
Но, потоа Тунижаните имаа разочарувачки настап на олимпискиот турнир во Рио на кој завршија последни во групата, а не ги оправдаа очекувањата ни на СП во Франција. Тунис на СП играше во групата во Мец и во групната фаза имаше само една победа против Ангола (43-31) и две нерешени средби со Исланд (22-22) и со Словенија (28-28). Во првиот меч на турнирот, Македонија го победи Тунис (34-30). По овој пораз на стартот, Тунижаните не успеаја да го подигнат нивото на игра и не обезбедија плсман во осминафиналето на СП. Одговорноста за разочарувачкиот резултат падна на селекторот и еден месец по СП тој е сменет од функцијата. Па така селекторот кој се прослави со победата против Македонија во Гдањск, една година подоцна, со поразот од Македонија во Мец ја загуби селекторската функција.
Според најавите во туниските медиуми, по смената на Зуаби, Тунис одново ќе бара странец за селектор. Пред Зуаби на клупата на Тунис беа Ален Порт, Сеад Хасанефендиќ и Силвиан Нует.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА