Неочекувана беше веста дека лидерот на табелата Струга ТЛ се раздели со тренерот Срѓан Захариевски. Оваа информација стигна во понеделникот навечер од таборот на стружани, кои објавија дека се разделуваат со тренерот кој три години ја водеше екипата, и беше сигурно и еден од најзаслужните за историскиот успех – пласманот во Европа.
Захариевски за ЕКИПА вели дека одлуката да биде сменет и за него била неочекувана. На крајот ја испочитувал и сега ќе бара нов ангажман. Истакна дека е горд што клубот го остава во битка за двата трофеи, односно како лидер на табелата со голема можност да освои титула, и како полуфиналист на Купот.
„Одлуката на раководството на Струга ТЛ ми беше неочекувана, но морам да ја почитувам. Си заминувам со крената глава од клубот. Тимот го оставам како првопласиран, со големи шанси да ја обезбеди титулата, а сметам дека излезот во Европа не е доведен во прашање. Згора на тоа Струга се бори за пехар и во Купот, каде е полуфиналист. Тимот исто така избори и историски успех во Европа. Како голем професионалец ја прифатив одлуката на раководните луѓе, и на клубот му посакувам се најдобро во иднина“, ни изјави Захариевски.
Захариевски стана тренер на Струга на 12. март 2020 година, и по речиси три години го водеше тимот на 87 натпревари. Сезонава во 19 натпревари, Струга има 11 победи, шест ремија и два порази. Тимот во пролетниот дел тргна со две „ремија“ – против Тиквеш во Кавадарци 1:1, и против Македонија ЃП на домашен терен 0:0, притоа со два промашени пенали.
Вчера Струга ТЛ на местото на Захариевски го назначи Шпетим Дуро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

