Срѓан Захариевски е изборот на управата на Вардар за нов шеф на стручниот штаб на „црвено-црните“, а долгогодишниот македонски репрезентативец делува мотивирано на стартот од новата тренерска авантура.
Ситуацијата во Вардар е далеку под посакуваното ниво, клубот смени двајца тренери од стартот на сезонава, но Захариевски е оптимист декаработите ќе тргнат на подобро.
„Голема благодарност до раководството што ми дадоа можност да го водам Вардар. Не сакам да трошам зборови што значи Вардар во македонскиот фудбал. Доаѓам во еден незгоден момент, каде што не можам да корегирам нешто во физичката спремност на играчите. Не можам многу да корегирам да доведам нови фудбалери. Ќе се обидеме да се засилиме со некој играч бидејќи има уште неколку денови од преодниот рок. Ова е преодна фаза, добар почеток и за среќа доаѓаат подобри денови во Вардар, од тоа што беше презентирано. Сега амбициите се да го стабилизираме клубот, да заиграме подобро. ашите амбиции секогаш се да одиме на победа. До каде ќе стигнеме не можам да кажам, но мора да се бориме на секој натпревар. Можеме да ветиме дека ќе има борба за секој бод, ќе има желба и мотив“, порача новиот тренер на „црвено-црните“.
Тој е свесен и кваква одговорност носи функцијата шеф на стручниот штаб на Вардар, во период кога македонскиот спортски бренд најавува консолидација и тргнување во победнички патеки.
„Како играч притисокот е голем, ама таа одговорност ја делиш со останатите играчи. Сега јас сум „виновникот“ тренерот. Го прифаќам предизвикот, не бегам од одговорност. Само можам да ветам доста работа и борба. Секако дека играта не беше добра, да бидеме реални првите четири кола. За две седмици се сменија двајца тренери. Сакале да го извадат најдоброто, но прикажаното не беше добро. Мора многу да работиме за да се кренеме. Ќе го одработиме и првиот тренинг, запознаен сум донекаде, но не до крај до каде се повредените играчи. По тренингот ќе имам некаква слика за целата ситуација“, прокоментира Захариевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА