Доскорашниот голман на Шкендија Костадин Захов, вчера против својот поранешен тим се претвори во апсолутен херој, откако бранејќи и удар од белата точка на Чинари, неговиот тим Воска Спорт успеа да извлече еден бод од ова тешко гостување.
Во 80. минута токму Захов на крајот можеше да биде трагичар, откако самиот го направи пеналот врз Енур Тотре. Залудни беа протестите и негови и на неговите соиграчи кон судиите, кои на крајот останаа на својот став да досудат пенал за Шкендија.
Ако некој голман добро ги познава играчите на Шкендија, тоа е токму Захов кој мина цели осум години на голот на тетовскиот тим. Го процени шутот на Еролд Чинари, му го одбрани пеналот и така не дозволи неговиот поранешен тим да се радува.
Исто така Захов во текот на мечот имаше неколку добри одбрани. Токму голманите беа во главна улога на вчерашните натпревари, откако и Методија Велковски беше брилијантен на голот на Вардар на дуелот со Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА