Зајков: Да не се потценуваат Летонците, одиграа одличен меч во Рига

Ѓоко Зајков е убеден дека секој од македонските репрезентативци ќе го даде максимумот на двата последни натпревари во Лигата на нациите, против Летонија (14 ноември) и против Фарските Острови (17 ноември) во Скопје, како би се дошло до две посакувани победи за крај на успешниот циклус.

Македонија е убедливо прва по четири натпревари, и целта е таму да остане по двете пресметки со што ќе обезбеди место во Б-дивизијата од Лигата на нации следната сезона.

„Се чувствуваме сите навистина одлично, низ една извонредна атмосфера во селекцијата. Добро е што последните два натпревари ги играме пред своите навивачи, па на еден убав начин да дојдеме до две победи кои ќе ни значат многу од повеќе аспекти“ – вели Зајков.

Македонија славеше во Рига убедливо со 0-3 минатиот месец против Летонците.

„Да, победивме на тој натпревар, но треба да се знае дека Летонија е навистина добар противник и одигра одличен меч против нас тогаш. Затоа сега треба да бидеме фокусирани многу повеќе, да дадеме максимум и во одбрана и во напад и уште еднаш да потврдиме дека сме подобар тим. За нас нема разлика дали играме против Италија или против Летонија. Максимално се подготвуваме за секој противник и со иста цел против секого – да победиме“ – вели централниот дефанзивец.

Се вчитува...