Македонската А репрезентација продолжува со подготовките за следниот предизвик, гостувањето кај Република Ирска на 31 март во Даблин. По поразот од Данска, фокусот во националниот тим е насочен кон анализа на противникот и подобрување на формата пред новиот дуел.
Дефанзивецот Ѓоко Зајков потенцира дека тимот извлекол поуки од претходниот натпревар и дека клучот ќе биде во менталната стабилност во текот на целиот меч.
„Данска е навистина квалитетен противник. Се боревме добро во првото полувреме и се обидовме да затвориме на сите позиции. За жал, во второто полувреме дојде до пад на концентрацијата и примивме гол.
По направената анализа, јасно е дека имаше неочекуван пад по првиот примен гол. Тоа е сегмент на кој мора да работиме, кога ќе примиме гол, да не паѓаме како екипа, туку да се издигнеме и да реагираме подобро.
Сега сме целосно фокусирани на Ирска. Не постојат пријателски натпревари, секој меч го играме на победа. Сакаме да се надигруваме со секого и да покажеме квалитет, како што сме знаеле и претходно.
Многу е важно и од психолошки аспект да одговориме по поразот од Данска. Со добар резултат можеме побрзо да го оставиме тој натпревар зад нас и да изгледаме подобро во следните предизвици и квалификации”.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

