Актуелниот европски првак Реал Мадрид на 3 јуни во Кардиф ќе игра против Јувентус во финалето на Лигата на шампионите, во обид да стане првиот тим што ќе успее да го одбрани трофејот во ова натпреварување. Но, „кралскиот клуб“ најавува и купување на еден од двајцата клучни дефанзивци на „старата дама“, Леонардо Бонучи. Дали е ова само стратегија да се внесе немир во редовите на ривалот, или пак навистина сериозна заинтересираност за италијанскиот репрезентативец, останува да се види во летниот преоден рок.
Според медиумите во Италија и во Шпанија, Реал Мадрид е силно заинтересиран за стоперот на Јувентус и подготвен е да плати 60 милиони евра за да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“. Исто така, Бонучи (30) би добил тригодишен договор и значително поголема годишна плата од таа што ја има во Јувентус.
Реал Мадрид бара нов дефанзивец, со оглед дека не го продолжи договорот со Пепе, а и Рафаел Варан би можел да си замине и е на листата на желби на Жозе Мурињо. Леонардо Бонучи би бил одлично засилување и би играл во тандем со капитенот Серхио Рамос.
За Леонардо Бонучи интерес покажува и Манчестер сити, но самиот фудбалер истакна дека нема намера да се пресели во Премиер – лигата. Но, Реал Мадрид е нешто сосема друго…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА