Законот над инаетот: Антиќ загуби голема битка – Темелковски се враќа назад во федерацијата!

Перо Антиќ почнува да го губи тлото под нозете како прв човек на „куќата на кошарката“ во Македонија, откако актуелниот претседател го загуби судскиот спор со поранешниот директор во федерацијата, Владимир Темелковски, кој беше отпуштен непосредно по доаѓањето на Антиќ на претседателската функција.

За потсетување, Темелковски долго време беше претендент за претседателската функција на местото на Петар Наумоски, за Антиќ со силна политичка поддршка на крајот да излезе како победник од оваа трка. Веднаш по доаѓањето на чело на КФСМ тој се ослободи од претходните кадри, отпуштајќи го Темелковски од директорската функција за да ослободи место за својот пријател и поранешен репрезентативен колега Тодор Гечевски.

Екс-директорот правдата ја побара по судски пат, со оглед на фактот дека имаше договор за работа на неопределено време на функција спортски директор. Тој уште  пред извесно време ја доби правната битка, но Антиќ се реши да се жали на првобитната пресуда. Денеска пристигна и одлуката на Апелациониот Суд, кој ја одби жалбата на актуелниот претседател, со што првичната пресуда станува правосилна.

Перо Антиќ има рок од 15 дена за да ја спроведе судската одлука со која Темелковски мора да биде вратен на истото работно место што го извршуваше пред да биде отпуштен, а интересно ќе биде да се види дали Перо ќе му најде нова функција на Гечевски, или „циркусот“ во федерацијата ќе кулминира со паралелно функционирање на двајца директори во куќата на кошарката.

Промената на локалната власт во голем дел од градовите и општините кои имаат свои кошаркарски клубови (и гласови во собранието на КФСМ), надополнета со незадоволството на дел од клубовите од работата на Перо Антиќ многу лесно може да придонесе да дојде и до промена на чело на федерацијата, особено ако се знае дека измина периодот од две години од изборот на Антиќ, во кој тој согласно Статутот како претседател немаше опасност да биде сменет.

Се вчитува...