Катастрофалните резултати проследени со досега невидена сума на пари потрошена за трансфери во само една сезона резултираа со отказ на Грем Потер на „жешкото столче“ на „Стемфорд Бриџ“. На престојниот дерби натпревар против Ливерпул „сините“ ќе бидат предводени од неговиот доскорешен помошник Бруно Салтор кој пресконференцијата за медиуми ја искористи да му даде поддршка на неговиот ментор.
Поранешниот капитен на Брајтон кој стигна во Челси заедно со Грем Потер вели дека неговиот доскорешен колега фантастично си ја вршел работата и сите во клубот поминале стресни 24 часа кои мора да бидат надминати во дуелот со Ливерпул.
„Ова беа тешки 24 часа за сите нас и сега мора да се носиме со таа ситуација. Јас сум тука поради Грем, а клубот мислеше дека тоа е вистинскиот потег. Тука сум за да помогнам како што можам, да го продолжам процесот. Се обидуваме да продолжиме најдобро што можеме. Мислам дека Грем фантастично си ја заврши работата. Фудбалот е сложен, не е така едноставен како што луѓето мислат.
Сите сме одговорни за поразите затоа мораме да се концентрираме и да продолжиме напорно да работиме. Не сакам да го наговестувам составот со Ливерпул, но мислам дека доминиравме против Астон Вила. Го загубивме натпреварот, но игравме добро, имаме многу шанси и ќе се обидеме да бидеме на приближно ниво.
Ова е голем предизвик за мене. Тренер сум само четири години, но 24 години сум во фудбалот. Имам многу искуство во соблекувалната и ќе се обидам да им помогнам на играчите, да ги предводам бидејќи и самиот сум се нашол во слична ситуација. Можам да помогнам, поготово на младите кои немаат вакво искуство“, вели Салтор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

