Николо Заниоло е еден од најголемите губитници во преодниот рок откако италијанскиот фудбалер во „пет до дванаесет“ се премисли за понудениот трансфер во Борнмут, само за да биде откачен од англискиот премиерлигаш.
За потсетување, Заниоло минатиот месец беше во центарот на вниманието на италијанска јавност откако одби да тренира и игра за Рома инсистирајќи на трансфер од „Олимпико“. Проблем беше што ниту еден од клубовите кои беа споменувани во медиумите (Милан, Јувентус и Тотенхем) воопшто не испрати понуда, а единствениот обид дојде од Борнмут, чија понуда од 30 милиони евра беше прифатена од Рома.
Заниоло самиот го одби трансферот бидејќи клубот не бил премногу амбициозен, надевајќи се на смирување на тензиите во Рома, но оттаму стигна јасна порака од Жозе Мурињо – овој фудбалер да не се надева на минутажа бидејќи покажал непочитување кон клубот, тренерот и соиграчите. Ова придонесе крилниот офанзивец во меѓувреме да се премисли, па на 31 јануари самиот ги интензивирал разговорите за заминување во Борнмут. На негово големо разочарување, сега англискиот клуб не сакал ни да чуе за комплетирање на трансферот, откако наместо Заниоло го доведе Траоре од Сасуоло за 30 милиони евра.
Преодниот рок заврши, па Николо Заниоло сега го очекува греење на клупата и на трибините на „Олимпико“. Информациите од Италија говорат дека тој ќе го тужи клубот за мобинг, жалејќи се дека медиумските критики биле нарачани од управата на Рома, уште еден очајнички обид да издејствува трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА