Николо Заниоло се наоѓа пред заминување од Рома откако на Жозе Мурињо и на челниците на „волчицата“ им стана јасно дека крилниот офанзивец нема намера да потпише нов договор со клубот, а актуелниот му истекува за помалку од 18 месеци. Тотенхем е голем фаворит во трката за италијанскиот репрезентативец, откако „спарси“ веќе ги договорија личните услови со фудбалерот, почнувајќи разговори со клубот од Рим.
Понудата на Тотенхем е за шестмесечна позајмица, Рома е подготвена и за ваква опција, но само доколку во договорот има клаузула за задолжителен откуп на 1 јули. На тој начин „волчицата“ би се заштитила дека Заниоло во последната сезона од договорот би одбил продолжување на соработката и во 2024 без никаква отштета би си заминал од тимот.
Антонио Конте инсистира на нови фудбалери во таборот на Тотенхем, управата се повеќе ја губи довербата во Италијанецот кој би можел да си замине летово, но на Заниоло во секој случај се гледа како на интересна опција на пазарот. Поради ова, се очекува во наредните денови двата клуба да постигнат целосен договор и крилниот офанзивец да ја зголеми конкуренцијата во навалната линија на Тотенхем, каде веќе се наоѓаат Кејн, Сон, Ришарлисон, Кулушевски и Моура.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА