Фудбалерот на Рома и италијански репрезентативец Николо Заниоло изјави дека се става на располагање на римскиот клуб, пренесуваат медиумите во Италија. Заниоло напиша отворено писмо до Рома, откако не успеа да го напушти римскиот клуб во зимскиот преоден рок.
Тој одби да се пресели во Бормаут, а Рома потоа го блокираше трансферот на Заниоло во Лидс, бидејќи не можеше да се договорат со премиерлигашот околу обештетувањето.
„Иднината е во наши раце. Апсолутно го задржувам своето и се ставам на располагање на Рома. Во последните недели се пишуваа многу работи кои не се вистинити. Во Рома пристигнав како непознат играч, а навивачите ме прифатија. Ми дадоа самодоверба, ме бодреа во тешките и мрачни моменти кога се мачев со повредите“, изјави Заниоло.
Тој истакна дека добил закани од навивачите по изјавите на тренерот Жозе Мурињо и директорот на клубот Тиаго Пинто дека Заниоло повеќе нема да игра за Рома.
„За прв пат се плашев за себе и за моето семејство. Се чувствував напуштено. Тоа никогаш порано не ми се случило. Бев исплашен“, објасни Заниоло.
Заниоло за Рома досега одигра 128 натпревари и постигна 24 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА