ЕКИПА во Ереван, Ерменија
Владимир Булатовиќ
Македонија вечерва на националниот стадион „Вазген Саргсјан“ во Ереван запиша историја за репрезентативниот фудбал.
Благоја Милевски и неговите избраници запишаа уште еден момент за аналите на македонскиот репрезентативен фудбал. По претходните две победи над Ерменија (2-0) и Летонија (3-0), со денешното славје од 0-2 во Ереван, Македонија за првпат во својата повеќе од 30-години независна фудбалска историја, дојде до три врзани победи во квалификации без примен погодок, што сигурно е заслуга и на нашиот репрезентативен голман Столе Димитриевски кој бранеше одлично на трите претходни средби.
Претходно, пак, три победи во низа имаше Милевски во квалификациите за СП 2022, но со еден примен гол, победа над Ерменија од 0-5, па триумф од 3-1 против Исланд и победа од 0-1 против Италија во Палермо во полуфиналето од баражот но со еден примен гол, а Македонија уште само во еден наврат, во Лигата на нациите и во квалификациите за ЕП 2020 има три победи во низа.
Интересно досега во историјата Македонија никогаш не врзала четири едноподруго победи на официјални квалификациски натпревари под капата на УЕФА. Единствени четири врзани едноподруго победи се на почетоците од нашата фудбалска независност кога во првите четири свои историски, но сите пријателски натпревари, извојувавме четири победи, против Словенија (1-4) во Крањ во 1993 година, па против Словенија (2-0), Албанија (5-1) и Естонија (2-0) на домашен терен.
Со триумф над селекцијата на Ерменија, македонската репрезентација веќе и на два натпревари пред крајот на Лигата на нациите, може да обезбеди прво место во групата 4 од Ц-лигата, и со тоа првпат во историјата пласман во Лигата Б, второто по квалитет лига-натпреварување од Лигата на нациите на УЕФА. Сега, за да тоа биде реализирано ќе биде неопходно и дуелот меѓу Фарските острови и Летонија вечерва да заврши без победник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА