Во рамките на подготовките за Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, што ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје и Куманово, денеска во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје официјално беше отворен Chefs de Mission семинарот, што ќе се одржува на 9 и 10 април, и на кој присуствуват делегации од 49 европски олимписки комитети.
На семинарот отрганизиран од Македонскиот олимписки комитет европските делегации имаа можност да се запознаат со организациските аспекти, спортските и логистичките капацитети, како и со градовите-домаќини на ЕМОФ 2025. Министерот Ристовски во обраќањето пред присутните во име на Владата и на Министерството за спорт најави дека Македонија ќе биде добар домаќин на младите европски спортисти и изрази поддршка за Македонскиот олимписки комитет во организацијата на овој голем спортски настан.
„Ова е исклучетелно важен настан за спортот и за Македонија како држава во која сакаме да промовираме спортски вредности кои се високо на нашата агенда. Ќе бидеме одлични домаќини на сите овие млади спортисти, делегации и гости и ќе се потрудиме сите оние задачи кои се дадени како обврски да ги исполниме во соработка со Македонскиот олимписки комитет. Сигурен сум дека од овој настан ќе има голем бенефит и државата и Македонскиот олимписки комитет, но пред сѐ спортот што за нас е многу важно. Како Министерство за спорт, како Влада и како држава покажуваме дека се грижиме не само за спортот туку и за сите придружни ефекти кои можат да се промовираат преку спортот и преку вакви настани. Генерално сите ќе имаме бенефит од овој голем спортски настан, но најважно е што најголем бенефит ќе имаат младите македонски спортисти кои имаат можност да настапат на едно вакво големо натпреварување и ќе можеме преку нив да градиме нови спортски идоли кои што во изминатите години ни недостасуваат. Треба да ги поддржиме сите талентирани деца да прераснат во идни олимпијци“, рече Ристовски.
На присутните им се обрати и претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски.
„Станува збор за извонреден спортски настан, најголем што досега го организирала нашата држава, со речиси 4.000 учесници и голем број гости и официјални лица. Македонија од 20 до 26 јули ќе биде седиште на спортот во Европа и ќе имаме привилегија да ги нагостиме најдобрите европоски идни ѕвезди, кои што во иднина ќе бидат и светски и олимписки ѕвезди. Со ова се отвора можност не само за меѓународна промоција на Македонија, туку и за рестарт на младинскиот спорт дома. Очекуваме околу 200 македонски спортисти, кои како домаќини ќе се натпреваруваат во сите дисциплини. Огромна благодарност и до Министерот и Владата, кои што застанаа зад овој проект и таа поддршка ни е неопходна да испорачаме еден вонсериски спортски настан“, посочи Димевски.
Претседателката на Комисијата за ЕМОФ при ЕОК, Лини Халдерсдотир, ја истакна важноста на семинарот и напорите на локалната организација.
„Овој семинар е од суштинско значење – тука сме за да се увериме дека сите елементи на организацијата се на високо ниво. Импресионирани сме од напредокот и од посветеноста на тимот во Скопје и Куманово. Иако Олимпискиот комитет на Македонија се приклучи на проектот пред само две години, направено е многу. Ова е предизвик, но и огромна можност за вашата земјa“, нагласи Халдерсдотир.
Во пресрет на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин и на големиот настан „100 дена до ЕМОФ“, кој ќе се одржи во Ист Гејт Мол на 12 април (сабота). Оваа манифестација дополнително ќе пружи поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани, а спортско-забавниот дел ќе вклучи турнири во 3х3 баскет и богата интерактивна програма. Настанот ќе биде одлична можност за младите да се запознаат со олимпискиот дух и да бидат дел од одбројувањето до почетокот на фестивалот.
Ова лето, повеќе од 4.000 учесници, вклучувајќи 900 волонтери, ќе бидат дел од ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули. Натпреварите ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со натпреварите во гимнастика, кои ќе се одржат во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА