Словенечкиот репрезентативец, Миха Зарабец, летово се сели во редовите на Кил. Иако има уште еден година од договорот со Целје Пивоварна Лашко, Зарабец се реши да ја прифати понудата од трофејниот германски клуб со кој потпиша едногодишен договор со можност за прдолжување на соработката за уште една сезона. Според словенечките медиуми, за Кил воопшто не претставувало проблем обештетувањето од 50.000 евра за да го донесе во своите редови 25-годишниот Словенец.
Миха Зарабец имаше забележителен настап во дресот на словенечката репрезентација на СП во Франција во јануари на кое Словенија го освои историскиот бронзен медал. По францускиот мундијал, многу водечки европски клубови појавија интерес за ангажман на словенечкиот плејмејкер, но, за Зарабец сепак, најпривлечна беше понудата од Кил. Денеска Кил го официјализира трансферот на словенечкиот плејмејкер, а тренерот Алфред Гисласон изрази задоволство што во нивните редови доаѓа играч од ваков калибар.
„Миха е играч што ја прави топката побрза, тој е класичен плејмејкер. Тој ги поседува сите вештини со кои може многу да ни помогне“ – изјави тренерот на Кил, Алфред Гисласон.
Во германскиот тим, Зарабец треба да го надополни отсуството на Хрватот Домагој Дувњак кој има проблем со коленото и по операцијата го чека пауза од неколку месеци.
За Миха Зарабец ова ќе биде прво интернационално искуство. Во изминатите три сезони тој настапуваше за Целје Пивоварна Лашко, а пред тоа, две сезони беше во тимот на Марибор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА