Баерн Минхен неочекувано му даде уште една шанса на Томас Тухел и покрај најновото фијаско и поразот од Бохум, но веќе е јасно дека секој следен неуспех на баварскиот гигант ќе значи и автоматски отказ за тренерот. Тој ќе беше сменет и по Бохум, но баварците имаат сериозен проблем да најдат адекватна замена, бидејќи сите врвни тренерски имиња со кои почнаа разговори би дошле на „Алијанц Арена“ само по завршувањето на сезонава.
Во таква ситуација, како еден од главните кандидати за наследник на Тухел изненадувачки се појави Оле Гунар Солскјер, легендарниот норвешки голгетер кој е без ангажман откако си замина од Манчестер Јунајтед. Солскјер не се прослави во Јунајтед, но препорака не му се резултатите, туку фактот дека е подготвен да потпише договор со Баерн на само три месеци, па потоа во текот на летото да преговара за евентуално продолжување на соработката.
Тој е единствениот од контактираните стратези што прифатил краткорочен договор, што го прави исклучително интересна опција за Баерн Минхен. Како главни желби за тренер од лето се споменуваат Зидан, Флик и Чаби Алонсо, а Солскјер би имал за задача да спаси се што може да се спаси во оваа сезона откако Баерн се најде во негатива од осум бода зад Баер Леверкузен, а има и 0-1 по првиот меч со Лацио во осминафиналето во Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА