Засаден е вториот „ПЕНЗИСКИ ПАРК“ во средното училиште „Св. Кирил и Методиј” во Охрид

По акцијата за садење дрвја во средното училиште „8-ми Септември“, трите пензиски друштва денес го засадија и вториот „Пензиски парк“ во средното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, во рамки на новата кампања “Засади желба, за поубава иднина“.

Акцијата започна со обраќање на директорката на училиштето „Св. Кирил и Методиј“, Царева Цветаноска.

Најпрво дозволете да Ви се заблагодарам за вашето присуство и учество во овој настан. Горди сме што токму нашето училиште е избрано да биде дел од ваков настан со еколошки карактер. Денес нашето училиште е дел од активностите поврзани со едукативната и еколошка иницијатива на трите пензиски друштва – Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво. Ваквите настани се одличен пример за младите генерации во однос на подигнување на еколошката свест и развивање на чувството за нашата околина. Со ваквите акции на младите им се дава пример како треба да се негува и одржува природата, бидејќи здравата животна средина е клучна за здравјето на човекот. Се надеваме дека во иднина ваквите проекти ќе продолжат и ќе преминат во традидиција, со што сите ние ќе придонесеме за поздрава и почиста околина. Да оставиме добар пример на младите како во иднина треба да се грижат за природата и на кој начин да остават свој белег во подобрувањето на климатските услови. Климатските промени се предупредување и повик дека човекот мора да превземе нешто за да се спречи уништувањето на природата. Човечкиот фактор е најодговорен како за уништувањето на природата така и за нејзиното возобновување. Да дејствуваме локално, за да мислиме глобално.“ – изјави Цветаноска.

Потоа на учениците им се обрати Тихомир Петрески – претседател на Управен одбор на Триглав пензиско друштво. „Сакам да се заблагодарам до директорката и до сите вас од училиштето „Св. Кирил и Методиј“ за топлото добредојде, но и за тоа што ни дадовте прилика заеднички да ја промовираме нашата кампања „Засади желба за поубава иднина“. Кога размислувавме со колегите од сите три пензиски друштва како нашата кампања најдобро би стигнала до сите генерации коишто се засегнати, сакавме да најдеме симболична порака во подигањето на еколошката свест, односно во поттикнувањето на здрава непосредна животна околина. Секое засадено дрво, освен што ја подига еколошката свест, значи и подобри услови за живеење за сите нас. На тој начин симболично го поврзавме и системот на подигање на свеста на пензиските друштва, со што сакаме особено кај вас најмладите да поттикнеме интерес да се обидете да дознаете што е можно повеќе за тоа како изгледа еден пензиски систем, од што тој се состои, и финансиски да се едуцирате за да бидете дел од него кога за тоа ќе дојде време. Сите ние сме идни пензионери, и како што секое мало дрвце може во иднина да преработи одредена количина јаглерод диоксид и да изгенерира чист воздух, така и вие кога би знаеле што ве очекува утре би требало да осознаете како да обезбедите социјална стабилност за вашиот живот во иднина.“ – изјави Петрески.

Во акцијата учествуваа дел од вработените во пензиските друштва, кои заедно со учениците го исчистија училишниот двор, ја подготвија почвата за садење и го создадоа новиот пензиски парк составен од 15 средно созреани листопадни садници од видовите американски даб, калемен багрем, платан, црвена слива и јавор. Одржувањето и понатамошната грижа за паркот ќе ја преземат учениците и одговорните лица од училиштето.

„Нашата цел е активно да ги вклучиме и мотивираме младите да учествуваат во грижата за животната средина, преку раззеленување и создавање на „Пензиски паркови“ во дворовите во четири средни училишта, како симболи за активниот удел кој тие го имаат во планирањето на сопствениот живот и иднина.

Токму затоа, оваа година нашата едукативна и информативна кампања ја насочивме кон активирање на промени за еколошки и социјални цели, со цел да поставиме нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење.

Преку кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, со поддршка од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), до крајот на декември ќе создадеме пензиски паркови и во средните училишта „Кочо Рацин“ во Свети Николе и ,,Д-р Панче Караѓозов” во Скопје“ – велат претставниците на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ се достапни на веб страницата www.penzija.mk.

Се вчитува...