Вардар ги стартуваше подготовките за пролетниот дел од сезоната низ која „црвено-црните“ ќе се борат за опстанок во прволигашката конкуренција.
Токму во таа насока е и ремонтот во тимот со сериозни промени во играчкиот кадар. Десет фудбалери од есенскиот дел ги напуштија вардаровите редови, за да црвено-црните донесат нови засилувања меѓу кои најзвучни досега секако се Георги Јанкулов, голманот Давор Талески, словачкиот стопер Михал Пинтер како и напаѓачот Едиз Спахиу.
„Очекувањата за пролетниот дел се високи, моменталната состојба не е според заслугите. Приоритет е подобар пласман на табелата, а потоа секако Купот на Македонија. Низ пролетниот дел од сезоната секој меч ќе ни биде повеќе од важен, а важен и стартот на вториот дел и дуелот со Шкендија. Едноставно на секој дуел ќе мора да одиме на три бода“ – истакна голманот Талески.
За очекувањата до крајот на сезоната и Едиз Спахиу и словачкиот стопер Михал Пинтер.
„Очекувам дека Вардар секако ќе опстане во лигата, а сакаме да го освоиме и Купот на Македонија. Минатата сезона обезбедив излез во Европа, а сега го посакувам истото и со Вардар. Ни треба време за адаптација, се надевам дека ќе биде се добро. Седлоски е докажан квалтетен тренер и првите впечатоци ми се навистина позитивни“ – рече Спахиу, на кого се надополни и Пинтер.
„Сега сум тука и ќе се борам максимално за Вардар. Мислам дека тука квалитетот на фудбалот и условите за игра се послаби од Словачка, но што е тука е. Ќе се бориме. Прва цел е да останеме во лигата, второ да го освоиме Купот и да играме Европа. Ја знам лигата и знам дека ќе биде тешко. Имаме време да се воиграме и ветувам дека на секој меч ќе го дадеме максимум. Знам дека одбраната беше слаба карика на Вардар изминатава есен, па се надеваме дека сега ќе биде подобро“ – рече Пинтер на средбата со медиумите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА