Леброн Џејмс делува незапирливо, па Кливленд неслучајно се наоѓа на работ на пласман во финалето од „Истокот“, по синоќешниот триумф од 105-103 за водство од 3-0 во серијата со Торонто репторс. Малку им значи на „рептилите“ фактот дека регуларниот дел од сезоната го завршија на првото место кога не можат да најдат лек за „кралот Џејмс“, кој игра феноменално во овој плејоф.
Тој беше во главна улога и на синоќешниот дуел, постигнувајќи ги поените на триумф и реализирајќи вкупно 38 поени, седум асистенции и шест скокови. Соодветна помош имаше од Кевин Лав, кој оствари дабл-дабл од 21 поен и 16 скокови.
Lebron James with another game winner #NBAPlayoffs pic.twitter.com/9jQrNz9lkJ
— #NBA2K4LIFE (@NBA2KGames) May 6, 2018
Убедливи 3-0 има и Бостон, откако селтикси славеа и на првиот меч во Филаделфија, со 98-101 по продолжението од пет минути. Домаќините помислија дека славеле со шутот со сирената, во салата беа пуштени и конфети за славје, но судиите покажаа дека станува збор за удар за два поени и мечот беше одведен во дополнителни пет минути во кои подобри беа селтикси. Ал Хорфорд беше човекот на одлука со клучните поени, а потоа и украдена топка, за голема победа на гостите од Бостон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА