Со вечерашните три натпревари во Истанбул, Атина и во Барселона и официјално е спуштена завесата во лигашкиот дел од елитното европско натпреварување. По суперинтересните 34 рунди, пред нас сега се возбудувања во плејинот, потоа и во плејофот, што ќе кулминираат со фајналфор турнирот што годинава за првпат ќе се одржи во Дубаи.
Во плејин натпреварувањето, Реал Мадрид како седмопласиран ќе го пречека Париз, додека Баерн во Минхен ќе биде домаќин на Црвена Звезда. Победникот од мечот во Мадрид автоматски се пласира во плејофот и во четвртфиналето ќе се сретне со Фенербахче, додека поразениот ќе има нова шанса за плејоф, против победникот од дуелот во Минхен. Екипата што ќе триумфира во тој последен меч од плејинот за противник во плејофот ќе го има Олимпијакос, тимот што го заврши регуларниот дел од сезоната на првото место.
Европскиот првак Панатинаикос како третопласиран во плејоф-серијата ќе ја има предноста на домашен терен против Анадолу Ефес, серија што ќе биде пресметка на тренерот Атаман против клубот со кој освои две европски круни. Во последното четвртфинале ќе се сретнат Монако и Барселона, а предноста на домашниот терен ќе ја имаат „кнезовите“.
Првите средби од плејинот се закажани за следниот вторник, додека последниот патник во плејофот ќе биде познат на 18 април.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА