Ѕвездата на Лестер, Ријад Марез по речиси 10 дена отсуство се врати во тренинг центарот на „лисиците“, но нема да биде во комбинација за настап за претстојниот дуел со Манчестер сити. Алжирецот не сакаше да се врати во клубот откако раководството не му дозволи да направи трансфер во тимот на Гвардиола во последниот ден од зимскиот преоден рок.
Лестер го „наплати“ секое отсуство на Марез од тимските тренинзи, а засега не е познато дали Клод Пуел ќе му прости и веќе во следниот натпревар ќе му даде шанса да игра, или пак ќе следи нова казна со греење на клупата.
За најдобриот играч во Англија од сезоната 2015/2016, ова му беше втор обид да изнуди преселба во друг клуб, летото му пропадна трансферот во Рома бидејќи „волчицата“ не сакаше да ја исплати сумата која Лестер ја бараше за својот најдобар играч. Од Сити пак, „лисиците“ одбија дури три понуди, последната стигна до висина од 60 милиони фунти.
Лестер на свое тло утре ги пречекува лидерите Манчестер сити, натпреварот е закажан за 18:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА