Светската Ракометна Федерација (ИХФ) го промени системот на натпреварување од овој Мундијал, заменувајќи го осминафиналето со нови групи, што само по себе донесе згуснат распоред и уште поголеми напори за самите ракометари. Дел од нив предупредуваа на ризикот од повреди и пред почетокот на СП, а за жал „црните прогнози“ станаа реалност, па во текот на целиот шампионат бевме сведоци на тешки повреди.
СП 2019 заврши, но остана „болницата“ со која сега наместо репрезентациите ќе се справуваат клубовите, од кои дел загубија важни адути токму за клучниот дел од сезоната. Македонија за разлика од двата последни шампионати (Манасков и Миркуловски на СП 2017, Кире Лазаров на ЕП 2018) овојпат имаше среќа кога станува збор за повредите, со што беше една од ретките селекции во кои за време на Мундијалот ниту еден играч не се пожали на болка поради која ќе мора да биде заменет.
А такви случаи имаше многу, дури и кај светскиот првак Данска, кој остана без Рене Тофт Хансен, а извесно време беше и без ветеранот Линдберг, кој се врати токму за големото финале. Кај финалистот Норвешка во полуфиналето незгодна повреда заработи Магнус Род, десниот бек беше оспособен за игра во мечот за златото, но болката во мускулот очигледно му создаваше проблеми.
Одбраната на Франција сигурно ќе беше многу помоќна ако Сорендо не се повредеше во првата фаза, а „триколорите“ во мечот за третото место останаа и без голманот Думулан, кој поради проблеми со лигаментите на коленото предвреме ја завршува и клупската сезона со Нант.
Исланд ја победи Македонија, па веднаш потоа остана без двајцата клучни играчи, Арон Палмарсон и Арнор Гунарсон, Хрватска дефинитивно ќе беше многу помоќна ако Лука Циндриќ раководеше со акциите што ги имаше нацртано Лино Червар, додека кај Шпанија тешка повреда заработи Дани Душебајев.
Проблем со коленото има и Србинот Немања Зеленовиќ, кого го очекува шестмесечна пауза од терените, исто како и Германецот Штробел, а во текот на СП 2019 настрадаа и Швеѓанецот Готфридсон и Тунижанецот Жалуз. Ако на ова ги додадеме и Унгарците Жамали, Балаг и Бодо, како и австрискиот ас Доминик Шмид, јасно е дека згуснатиот распоред не можеше да мине без последици кај голем дел од селекциите.
Ракометарите уште сега предупредуваат, СП 2021 во Египет ќе биде со зголемен број на учесници, со самото тоа и повеќе натпревари, но пораката е јасна – ИХФ мора да обезбеди и повеќе слободни денови, за „болницата“ од Данска и Германија да не се повтори и во „земјата на фараоните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА