Откако се одиграа сите натпревари заврши регуларниот дел од сезоната во кошаркарската Суперлига на Македонија. Пред продолжувањето на сезоната во кое најдобрите шест екипи ќе одиграат по еден меч секој против секого како би си обезбедиле подобра позиција пред разигрувањето за титулата, број 1 му припаѓа на ТФТ кој и покрај убедливиот пораз од Тиквеш 102-74 успеа да го задржи врвот.
За тоа најмногу му помогна актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром кој исто така не успеа да ја оправда фаворитската улога и загуби на гостувањето кај Чаир со 76-68.
Најинтересно беше во борбата за последното шесто место кое води во плеј-офот. Иако МКК Куманово влезе во пол-позиција поразот од Работнички од 76-72 го чинеше место меѓу шесте најдобри каде токму ќе биде Тиквеш кој се најде таму со убедливиот триумф над ТФТ.
Гостивар во интересен меч славеше над Феникс со 76-74 и со тоа сега Феникс има победа помалку од Работнички, двата тима кои во плеј-аутот ќе се обидат да го избегнат последното трето место кое следната сезона води во ранг подоле.
Во натпреварите без поголемо резултатско значење Маџари беше убедлив против „фенерџијата“ Ангели (106-81), додека Кожув славеше над Пелистер со 89-82.
Во плејофот официјално се пласираа: МЗТ Скопје, ТФТ, Пелистер, Маџари, Кожув и Тиквеш. Во разигрувањето за опстанок пак се најдоа: МКК Куманово, Чаир, Работнички, Феникс, Гостивар и Ангели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

