Сосема е извесно дека актуелниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, кој на Вонредното изборно собрание во декември беше избран на оваа функција по оставката на Муамед Сејдини, ќе добие нов четиригодишен мандат на Редовното изборно собрание на ФФМ што ќе се оджи на 15 март во Скопје.
На редовните изборни собранија на Општинските фудбалски сојузи во Македонија кои се одржаа изминатиов период Омерагиќ ја доби апсолутна подршка од повеќе од 20 општински фудбалски сојузи за нов претседателски мандат.
Изминативе денови собранија одржаа и општинските сојузи на Велес, Кратово, Демир Хисар, Неготино, Кичево и Свети Николе. И сите делегати од овие сојузи му дадоа апсолутна поддршка на Масар Омерагиќ. Во ОФС Велес дојде до смена на претседателската функција откако досегашниот претседател Лазар Ракиџиев поднесе оставка. Тој и пред тоа поднесе оставки и во Фудбалската федерација на Македонија од местата потпретседател и член на Управен одбор. За нов претседател е избран Трајче Шопов, за член на управен одбор на ФФМ е предложен Славко Костов. Покрај овие двајца членови на собрание на ФФМ ќе бидат Кирил Лазов и Љубе Велковски, заменици се Горан Манасиев, Ангел Темелков, Благој Левков и Благојче Тодоровски.

Во ОФС Кратово досегашниот претседател Добре Иванов повторно ја доби подршката од своите делегати за нов мандат, наедно тој е предложен и за член на Управен одбор во ФФМ. И Љубе Ристовски ќе продолжи да ја врши функцијата претседател на ОФС Демир Хисар бидејќи делегатите одново му ја изгласаа довербата, за член на Управен одбор на ФФМ е предложен Тони Ивановски. Заменик е Гоце Цветановски,
Доверба повторно да биде избран за претседател на ОФС Кичево доби и Марјан Ристевски од делегатите на редовното собрание на ОФС Кичево. За член на Управен одбор е предложен поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, а делегат во собранието ќе биде и Џевдет Далип.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

