Винстон Мекени е првиот фудбалер што го напушти Јувентус по големиот скандал и одземените бодови на „старата дама“, откако американскиот репрезентативец го договори својот трансфер во редовите на Лидс Јунајтед.
Премиерлигашот подолго време се интересираше за овој фудбалер, Мекени чекаше понуда од Тотенхем или Арсенал, но откако тоа не се случи на крајот се согласи на преселба на „Иланд Роуд“. Клубовите преговараа подолго време, за Јувентус на крајот да прифати позајмица до крајот на сезонава, со тоа што Лидс ќе има обврска летово целосно да го откупи договорот што Мекени го има со „старата дама“.
Трансферот денеска го потврди и тренерот Масимилијано Алегри, кој објави дека Мекени нема да настапи на утрешниот дуел со Монца бидејќи веќе е договорено неговото заминување од клубот. Алегри потврди дека Влаховиќ и Погба ќе бидат во комбинација за оваа средба, но поради повреда нема да настапи Киеза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА