Збогум, Партизан: Тристан Вукчевиќ се пресели во НБА-лигата

Тристан Вукчевиќ повеќе не е член на Партизан откако суперталентираниот кошаркар реши да ги напушти „црно-белите“ и да се пресели во НБА-лигата. Вашингтон визардс ќе биде новиот клуб на Вукчевиќ, откако беше постигнат договор за овој НБА-тим да ја плати клаузулата за отштета за Тристан, која ќе ја поделат Партизан и Реал Мадрид според договорот за трансфер на Вукчевиќ од минатата сезона.

Крилниот играч го мина летото во САД бележејќи добри настапи во Летната лига, со што го привлече вниманието на неколку екипи. Вашингтон го избра Вукчевиќ како 42. пик на ланскиот драфт, но бидејќи тој беше под договор со Партизан клубот мораше да плати отштета ако сака да го доведе овој играч во НБА-лигата.

Разговорите неочекувано се одолговлекоа, но на крајот беше постигнат целосен договор, а трансферот го потврди и директорот на Партизан, Остоја Мијајловиќ.

„Нашиот досегашен првотимец Тристан Вукчевиќ ја искористи можноста да ја активира откупната клаузула и кариерата да ја продолжи во НБА. Седумцифрената отштета ќе биде поделена меѓу Реал Мадрид и Партизан, според претходно постигнатиот договор“, објави Мијајловиќ.

Српските медиуми јавуваат дека Партизан ќе заработи 600.000 долари од овој трансфер.

Се вчитува...