Вардар ја заокружи перфектната сезона на домашната сцена со рутинска победа над Металург, за конечно збогување на оваа шампионска генерација која испиша македонска ракометна историја со титулата во ЛШ минатиот јуни.
Тренерот и клучните играчи на „црвено-црните“ тргнуваат секој по свој пат, но оставаат зад себе успех тешко достижен за идните генерации. Затоа, неслучајно денеска на трибините во „Автокоманда“ се појавија и „комити“, за поддршка кон навивачите, но и гласни навреди за управата на клубот, која е премногу неактивна за ангажман на нови играчи на местото на сите оние кои заминуваат.
На збогувањето на овој шампионски Вардар имаше премногу празни седишта, во меч кој немаше никакво резултатско значење, но беше последна пресметка меѓу двата тима кои владеат во мак-ракометот со години наназад. Како што стојат работите, разликата во квалитет догодина ќе биде значително помала, со тоа и неизвесноста ќе се зголеми, па можеби и салата на овие дерби натпревари ќе биде преполна, но факт е дека „вардарци“ и вечерва заслужија многу поголема посета, на последниот меч на овој шампионски тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА