Зделка на деценијата: Го купија за 400.000 евра, а го продадоа за 67 милиони

Алжирскиот интернационалец Ријад Марез од вчера е нов фудбалер на шампионот на Англија, Манчестер сити. Тој по четири сезони поминати во Лестер, ги напушти „лисиците“ и потпиша петгодишен договор со тимот од „Етихад“. За него Манчестер сити плати огромни 67 милиони евра, а тоа дефинитивно е зделка на деценијата за Лестер.

Овој клуб го купи Ријад Марез во 2014 година од францускиот Ле Авр за само 400.000 евра. Тој во дресот на Лестер се изгради во фантастичен играч, одигра 179 натпревари и постигна 48 голови, забележа 38 асистенции, го донесе шампионскиот пехар во клубот и ја доби наградата за најдобар фудбалер во сезоната. Беше тоа вистинска фудбалска бајка, кога Лестер предводен од Клаудио Раниери, и од тандемот Марез – Варди, успеа да стигне прв низ целта во Премиер – лигата, пред сите големи клубови кои претендираат за шампионската титула.

По четири години, Марез заминува со рекорден клупски трансфер, а на клубот му носи вистинско богатство.

 

Се вчитува...