Здравко Мамиќ со камбек во фудбалот, во клуб од регионот

Здравко Мамиќ е подготвен да му се врати на фудбалот, и тоа како водечки човек во еден од најголемите клубови во БиХ, ФК Сараево. Легендарниот директор на Динамо Загреб веќе неколку години живее во БиХ како бегалец од хрватските власти, откако беше осуден од судот во својата татковина, но Мамиќ пребегна во БиХ и тврди дека не ги признава пресудите против него.

Тој во изминатиот период неколку пати ги коментираше случувањата во Динамо Загреб, но и во останатите делови од поранешна Југославија, а последните информации говорат дека тој е подготвен за камбек.

Имено, Мамиќ во изминатиот период бил во интензивен контакт со првиот човек на Сараево, Исмир Мирвиќ. Притоа, поранешниот директор на Динамо прифатил да раководи со спортскиот дел од клубот, но се уште е неизвесно која точна функција ќе ја извршува Мамиќ во Сараево. Неофицијално, тој ќе стартува како прв човек на младинската школа, најавил дека ќе ги искористи своите контакти за да доведе врвни таленти во клубот како што тоа го правеше со Дани Олмо во Динамо Загреб, а се очекува Мамиќ да има свој глас и во највисоката управа на трофејниот босански колектив.

Сараево моментно се наоѓа на третото место на табелата, но е блиску до куп-трофеј откако во првиот меч од финалето го декласираше Широки Бријег со 4-0.

Се вчитува...