Здравко Цветановски е нов тренер на Караорман

По само пет одиграни пролетни кола во единствената  Втора лига на Македонија Караорман од Струга доби нов тренер. До крајот на првенството екипата ќе ја води Здравко Цветановски, кој предходните години на двапати беше тренер на Караорман. Досегашниот тренер Илче Перески поднесе оставка незадоволен од некои односи во клубот.

„Караорман како да е сираче на градот, речиси никој не помага, екипата е составена од млади играчи, немаше пари во зимскиот преоден рок да ја засилиме со неколку поквалитетни фудбалери иако се знаеше дека не очекува тешка борба за опстанок во лигата. Претседателот Ѓорѓи Жупан колку и да се обидуваше финансиски да го зајакне клубот, не успева во тоа бидејќи е оставен речиси сам да се бори со проблемите. Во таква ситуација тешко е да се биде тренер и затоа решив да си заминам посакувајќи му успех на тимот во наредните натпревари бидејќи јас сум го носел неговиот дрес и не можам да не го сакам“ – ни изјави Перески по одлуката за повлекување од тренерската функција.

Во првите пет кола Караорман освои четири бода од можни 15, го победи Кожув со 1-0, со Охрид играше нерешено 0-0, а загуби од Вардар Неготино, Скопје и Арсими. На мечот со Арсими, екипата ја водеше Климе Далчевски, помошникот на Перески кој веќе тогаш најавил оставка.

Новиот тренер на Караорман, Здравко Цветановски, кој има богата фудбалска и тренерска кариера го очекува тешка задача да го спаси Караорман од  испаѓање од лигата. Играше фудбал за Караорман, Слога Југомагнат, Металург и Македонија ЃП, беше тренер на Охрид кога играше во Првата лига, Влазними, Миравци, двапати на Караорман, Младост Царев Двор и штипска Брегалница.

„Ова ми е трет пат да бидам тренер на Караорман. Знам дека многумина не оптпишаа во лигата, но јас сум борец не се предавам. Верувам во опстанок бидејќи разликата во бодови меѓу најсериозните кандидати за испаѓање не е голема. Караорман, Саса, Осогово, Победа и Тетекс ќе ја водат таа битка“ – ни изјави Цветановски.

Здравко Цветановски во оваа второлигашка сезона 2023/24 ќе  биде четврти тренер на Караорман по Дарко Крстески, Скендер Таири и Илче Перески.

А, пролетната сезона почна лошо за тренерите во македонскиот фудбал. Само по неколку кола четири клуба ги сменија тренерите, по два во Првата и Втората лига. Воска се раздели со Милјан Радоњиќ, го ангажираше Срѓан Захариевски, Македонија место Тони Џангаровски ќе ја води Бобан Грнчаров. Во редовите на гевгелиски Кожуф, Трајче Сенев доби замена во Филип Деспотовски.

М.Мицковиќ

Се вчитува...