Брегалница утре ќе го има својот прв официјален натпревар под палката на една од најголемите легенди на штипскиот фудбал и клубот во историјата, Горан Здравков кој го носи тимот во иднина кон новите прволигашки предизвици во желбата за што подобри резултати.
Сосема е јасно дека „сините“ ги очекува повеќе од сериозна пролетна сезона низ која ќе треба да се потврди и долгорочната определба за промоција на нови и талентирани млади фудбалери во насока на дополнителен развој на фудбалската игра во регионот и Македонија.
Во првиот пролетен натпревар Брегалница ја очекува пресметката со Скопје, а Здравков е свесен дека ќе мора да се даде максимумот ако се сака со позитивен резултат да се израдуваат сите навивачи.
„Скопје е противник кој секогаш мора да се прифати со максимална сериозност, затоа што е цврста екипа, компактен колектив кој знае што сака на терен. Мора да го дадеме максимумот на терен ако сакаме победа“ – вели Здравков за официјалната интернет-страница на клубот, притоа дополнувајќи:
„Минавме низ еден навистина добар подготвителен период, но сето тоа сега ќе треба да се потврди и на натпреварите во првенството. Нашата обврска е оваа пролет од секаков аспект, и со игрите и со резултатите, да се обидеме да ги радуваме нашите навивачи кои верувам во голема бројка како поддршка ќе дојдат уште на првата средба со Скопје“.
За време на зимските подготовки „сините“ одиграа седум пријателски натпревари со запишани пет победи, едно реми и еден пораз, и вкупна гол-разлика од 10-6 што без сомнение носи задоволство кај стручниот штаб. Но, јасно е дека сето тоа ќе мора да се преточи и на официјалните првенствени натпревари.
Натпреварот меѓу Брегалница и Скопје од 19. коло во ПМФЛ се игра утре од 14 часот на Градскиот стадион во Штип, а главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА