Здравков: Каменица Саса до крај ќе биде конкурентна за влез во Првата лига

Каменица Саса мина одлична полусезона во Втората лига – Исток завршувајќи ја со 31 бод, само еден помалку од водечките Победа и Слога Виница со што останува во сериозна игра за пласман во Првата македонска фудбалска лига.

Стратегот Горан Здравков е задоволен од ефектот на својот тим, верувајќи дека до крајот на сезоната ќе биде неизвесно кои екипи ќе завршат на водечките две позиции.

„Задоволен сум од резултатите во есенскиот дел. Каменица Саса одигра навистина одлични натпревари оваа есен, ја вративме публиката на трибините, промовиравме многу млади фудбалери кои се иднината на мак-фудбалот а доказ за тоа е и повикот од селекторот Драган Канатларовски за Мартин Мисердовски за настап во младата репрезентација“ – вели Здравков и дополнува:

„Секако имавме и падови во играта изминатава есен, пропуштивме бодови на неколку натпревари на кои бевме подобри, но во целост сум задоволен од тоа како го завршивме првиот дел од сезоната“.

Стратегот на тимот од Македонска Каменица верува дека тимот ќе биде конкурентен за врвот до крајот на сезоната.

„Се надевам дека ќе се засилиме со двајца-тројца нови фудбалери со што ќе останеме сериозно конкурентни за врвот. Табелата кажува дека неколку екипи се издвојуваат по квалитет, но сепак и сите останати имаат квалитет со кој може да изненадат, па сигурно до крајот ќе биде неизвесно. Организациски верувам дека ќе продолжиме на ист начин, и со добри подготовки доколку се спроведат нашите идеи ќе атакуваме на горниот дел од табелата“ – истакнува Здравков.

Се вчитува...