Каменица Саса е најпријатното изненадување во второлигашката конкуренција издвојувајќи се на лидерското место на Истокот по првите пет одиграни натпревари.
Шефот на стручниот штаб, Горан Здравков е повеќе од задоволен од досегашниот ефект нагласувајќи скромно дека фудбалерите се најзаслужните за постигнатите резултати на тимот.
„Задоволен сум од прикажаното на нашата екипа во досегашните пет кола. Против Беласица во Струмица на последниот натпревар прикажавме добра игра, имавме контрола на натпреварот и од пет-шест одлични шанси постигнавме само еден гол кој беше доволен за трите бода. Сакам да им честитам на играчите за прикажаното на терен. Тие се најзаслужните за овие резултати на Саса и посакувам само да продолжиме во ист стил до крајот на есенскиот дел“ – вели Здравков, притоа дополнувајќи околу амбициите на тимот за актуелнава сезона.
„Нашите амбиции се пласман меѓу првите три екипи на крајот од првенството, па може да се каже дека засега сме на добар пат. Од натпревар на натпревар играме се посигурно и подобро. Во тимот се враќаат и Донов и Миленковски, па од тој аспект за мене е најважно по паузата да ги имам сите фудбалери подготвени за натпревари“.
А, што се однесува околу генералната оценка за конкурентите за највисок пласман на Истокот…
„Што се однесува околу тоа како се одвива досега првенството, очекував повеќе од Победа и од Беласица, а мислам дека Кожуф ќе прикаже многу повеќе во наредниот период затоа што тие стартуваа и покасно од другите екипи“ – вели Здравков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА