Здравковски: Сакам во Шкотска да оставам белег како Миовски!

Македонскиот репрезентативец Давор Здравковски игра во одлична форма на почетокот од годинава во дресот на шкотскиот Мадервил.

По првичната адаптација по доаѓањето во клубот минатото лето, 25-годишниот Здравковски сега веќе е незаменлив во првиот тим на Мадервил на средината од теренот. Неговиот тим вчера со гол примен во судиското продолжение несреќно загуби од големиот Селтик, уште еднаш потврдувајќи дека е повеќе од сериозен состав во Премиерлигата.

Здравковски сезонава има 12 настапи за Мадервил, посакувајќи да ги достигне фудбалските височини во Шкотска како и неговиот репрезентативен колега Бојан Миовски.

„Искрено сум среќен што играм во едно првенство како шкотското, иако секогаш пред себе имам големи амбиции и никогаш не сум задоволен од себе. Затоа и не планирам да застанам тука, сакам да докажам дека навистина вредам, со напорна работа во мојот тим“ – вели Здравковски во интервју за „Дејли рекорд“, со задоволство прифаќајќи ги констатациите дека тој и Миовски повеќе од успешно го презентираат македонскиот фудбал во Шкотска.

„Го познавам Бојан Миовски од младинските репрезентации на Македонија, имаме одличен однос и пред да дојдам овде, зборував со него во врска со шкотското првенство и шкотскиот фудбал. Тој игра одлично во Абердин и веќе остава силен белег во Шкотска. Секако, сакам и јас да го направам истото. Бојан дефинитивно е позитивен пример за мене“ – дополнува Здравковски.

Давор Здравковски веќе е стандарден со повик и на списокот на селекторот Благоја Милевски на кој се очекува да биде и за престојните пријателски натпревари во март, против Молдавија и против Црна Гора.

Се вчитува...